|
Митрополитот перистерионски Хризостом објаснува за каква врста на соединување станува збор: „Браќата католици директно или индиректно ни оставаат да сфатиме дека Православната Црква може да се обедини со римокатоличката со посредство на консолидација, а слично и со паралелни процеси кои постојат помеѓу неа и унијатите”.[6] Познатиот грчки теолог о. Јован Романидис зборуваше за својот доверлив разговор со католичкиот бискуп, кој му говорел за планот на Ватикан, во согласност со кој обединувањето на Црквите нема да дојде од врвот (т.е. не преку епископите, теолозите и нивниот дијалог) туку од долу – со посредство на таканаречениот народен екуменизам.
За остварување на римоцентричниот план веќе се преземени следниве чекори:
1. Симнување на анетемите од 1054 г., но не и отфрлање на спорните догматски позиции.
2. Размена на посети на црковната ерархија и дарови во вид на свети мошти и икони коишто ги донесувал Ватикан. На тој начин, се создава впечаток, дека Ватикан е пријателски расположен кон Православието.
3. Започнување на богословски дијалог. Неговата цел е взаемно признавање на Тајните, свештенството и апостолското преемство, и како конечно, признавање на Црквите како “сестри”.
4. Без оглед на прекинот на меѓуцрковниот дијалог во врска со унијатството (Балтимор, 2000 г.) тој беше обновен без решавање на проблемот со Унијата. (Дури, унијатите учествуваа во дијалогот со православните како полноправни членови на преговарачкиот процес). Очигледно е дека иако унијата како метод на обединување, на зборови се осудува, во реалноста таа се користи од католиците како единствен пат кон единството (во согласност со одлуките на Вториот ватикански концил).
Сегашниот папа, Бенедикт XVI во посланицата до унијатскиот архиепископ на Украина Љубомир Хузар, ја поздравува борбата на унијатите да го сочуваат својот идентитет и независност: „Во грко-католичката црква, којашто се наоѓа во полна заедница со апостолскиот наследник Петар постои двојна задача, којашто се состои во зачувувањето на источната традиција во рамките на католичката црква и во помагањето на зближувањето на двете традиции, сведочејќи дека тие не само што се блиски, туку претставуваат и длабоко единство во својата различност”.[7] Во Ефес, истиот папа повторно истапи во поддршка на Унијата, „којашто според неговото мислење е најдобар пат кон единството на Црквите”.[8]
Фактот дека папизмот ги основа унијатските “цркви” на канонските територии на сите древни Источни Цркви, сведочи за сочуваниот курс кон Унијата, како средство и стандард за “обединување” и враќање на Православните и другите вери на Истокот во составот на Рим.
5. Изработка, демонстрација и поддршка на нови теории во согласност со кои догматите за Filioque, првенството на папата и неговата непогрешливост од страна на римокатолиците се толкуваат на таков начин, да станат “прифатливи” за православните“[9]. Пред околу 40 години учествував на собир на православните теолози на Атина. На тој собир беше повикан и познатиот клирик на римокатоличката црква, Пјер Дибре. Тогаш тој ни рече: „Ние го формулираме догматот за првенството на папата, на тој начин, за вие да го прифатите”. Забележав дека важност има не формулацијата туку суштината. Ние никогаш нема да ја прифатиме догмата за првенството во онаа смисла во којашто ја подразбира римскиот папа.
6. Одржување на православно-католички конференции, кои демек, ја промовираат православната духовност и кои всадуваат идеи за стремеж кон единството, без оглед на сите догматски разлики.
Досега, најголем дел од православните теолози тргнуваат од фактот дека помеѓу Православната и римокатоличката црква постојат одредени догматски противречности без чие решавање не може да дојде до никакво обединување. Сега и некои православни почнаа да зборуваат за тоа дека имаме една вера, едно предание и дека постојат одредени предуслови под коишто би можеле да го признаеме папското првенство. Тука би сакале, пред сè, да нагласиме дека: Православната Црква никогаш не признавала дека после расколот, кај православните и римокатолиците останала една вера и едно предание. За тоа сведочат големите ерарси и богоносни Отци како свети Григориј Палама, свети Марко Ефески, свети Мелетиј Пигас, преподобен Никодим Светогорец, свети Нектариј Егински, Доситеј Ерусалимски и многумина други. За тоа сведочат и одлуки на православните патријарси од 1848, 1868 и 1895 г. Но, и простиот православен народ, без оглед на неволјите од турското ропство и систематската латинска пропаганда, како и повремениот притисок од страна на Унијата, остана верен на догматите на својата Црква.
Очекуваното обединување, кое веќе неколку децении внимателно се подготвува од страна на Ватикан, нема да биде прифатено од мнозинството на православните, туку само ќе доведе до раскол, затоа што во основата на тоа обединување не се претпоставува решавањето на догматските разидувања, не католичкото отфрлање на еретичките догмати (Filioque, првенството на папата, создадената благодат итн.) туку нивното ново толкување.
|