isihia wrote:

Владимирская
Тропарь, Глас 4:
Днесь светло красуется славнейший град Москва, яко зарю солнечную восприемши, Владычице, чудотворную Твою икону, к нейже ныне мы притекающе и молящеся, Тебе взываем сице: о, пречудная Владычице Богородице! Молися из Тебе воплощенному Христу Богу нашему, да избавит град сей и вся грады и страны христианския невредимы от всех навет вражиих, и спасет души наша, яко Милосерд.
Кондак, Глас 8:
Взбранной воеводе победительная, яко избавльшеся от злых пришествием Твоего честнаго образа, Владычице Богородице, светло сотворяем празднество сретения Твоего и обычно зовем Ти: радуйся, Невесто Неневестная.
ИКОНАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА НАРЕЧЕНА „ВЛАДИМИРСКА”
Се слави на 23. мај / 6. јуни и 26. август (8. септември)
Според преданието оваа икона ја насликал евангелистот Лука на штица од масата на која јаделе Господ Исус Христос, Неговата Пречиста Мајка и свети Јосиф Обручник. Кога светиот евангелист ја насликал оваа претстава на Божјата Мајка и ја покажал на Пречистата, таа ги кажала зборовите кои ги изрекла кога отишла да ја посети светата праведна Елисавета: „Од сега ќе ме нарекуваат блажена сите родови” (Лука 1,48), Потоа додала: „Благодатта на Оној Кого го родив и Мојата нека бидата со оваа икона!” До 450-та година оваа икона се наоѓала во Ерусалим. За време на владеењет на цар Теодосиј Помладиот, е пренесена во Цариград. На почетокот на III век цариградскиот патријарх Лука Христоверг ја испратил во Киев за да се поклони пред неа великиот кнез Јуриј Владимирович Долгоруков. Иконата била сместена во великокнежевското село Вишегород, кое се наоѓало недалеку од Киев, а некогаш ѝ припаѓало на светата кнегиња Олга, во тамошниот женски манастир. Од 1155 година Вишегород станал феуд на Андреј, син на кнез Јуриј, наречен Богољубив.
Еднаш свештениците кои служеле во храмот на вишегородскиот манастир, виделе како иконата на Пресвета Богородица лебдее во воздухот среде храмот! Тие ја поставиле на нејзиното поранешно место, но таа повторно застанала во воздухот. Огнениот почитувач на Божјата Мајка, кнезот Андреј Богољубив заклучил дека Пресвета сака Нејзината светиња да престојува на друго место. Затоа одлучил да ја пренесе на север, во суздалската земја, па кришум ноќе ја зел светата икона, и постојано на патот служејќи молитва пред неа, стигнал во Владимир каде жителите со голема радост ги дочекале светињата и кнезот. Кнезот имал намера да продолжи понатаму во Ростов, но коњите кои ја влечеле колата со иконата, застанале на десет врсти од Владимир и никако не скаале да продолжат. Тогаш впрегнале наместо нив и други, но ни тие не сакале да се поместат. По долга и огнена молитва пред иконата, Пресвета Богородица му ја откри на кнезот Својата желба; Нејзината светиња да остане во Владимир. Со стравопочит пред светињата, кнезот за околу две години ја изгради во Владимир прекрасната Успенска црква (1160 година) во која во богата риза иконата била поставена и од тогаш го добила името: Владимирска.
Многу чудеса видел градот Владимир, а потоа и сета руска земја од оваа голема светиња. Во 1164. година таа била сопатничка на кнезот Андреј во неговиот поход против волошките Бугари, кои постојано преземале опустошувачки напади на Русија. Пред одлучувачката битка со нив кнезот Андреј се причестил со Светите Тајни и огнено се помолил пред светињата, извикувајќи: „Никој што на тебе се доверува, Владичице, да не загине!” Сета војска, исто така, со солзи се поклонувала на светата икона и... Бугарите претрпеле целосен пораз. Таму, на самото место на битката, бил отслужен благодарствен молебан, кога се јавило чудесното знамение пред очите на целата војска од светата икона на Богомајката и од Животворниот Господов Крст засветела силна светлина која ја осветлила целата околина! Тој ден и византискиот цар ги победил Сарацените, при што, исто така, и тој со целата војска ја виделе чудесната светлина од Животворниот Господов Крст и од иконата на Божјата Мајка која со себе ја носела војската. Според договорот, двајцата владетели го установиле на тој дан, на 1. август, празникот на Семилостивиот Спасител Христос нашиот Бог и на Пресвета Богородица Марија, Неговата Мајка.
За време на наездата на големите непријателски војски на татарскиот хан Батиј, кој на 07. февруари 1237. година, страшно го опустошил градот Владимир, светата икона останала сосема зачувана и недопрена, како верен залог на спасението на рускиот народ во иднина.
И навистина, кога во 1380. година се решавала судбината на руската земја, која страдала под татарското ропство и кога ханот Мамај повел против неа многубројна војска, кнезот Димитриј Донски со целиот народ срдечно се помолиле пред ова светиња за спасение на Татковината и, несомнено по совет на Божјата Мајка, се упатил да побара благослов за битката со Татарите од нејзиниот почитувач, преподобниот Сергиј Радоњешки. Преподобниот како благослов му дал Богородична просфора и рекол: „Оди, кнезу и Бог и Пресвета Богородица нека ти помогнат!”. Русите се судриле со татарската војска на празникот Раѓање на Пресвета Богородица, 8.(21.) септември. Точно на пладне се разгорела страшна битка која завршила со победа на Русите и тоа бил почетокотк на избавувањето на рускиот народ од тешката татарска напаст.
Застапништвото на Божјата Мајка за руската земја било осоебно големо во 1395. година, за време на нападот од опасниот азиски освојувач Тамерлан. Тој најсуров освајувач кого со право го нарекле „Бич за народот”, убил милиони луѓе и откако пролеал реки крв, по опустошувањето на многу земји, се устремил кон просторите на руската држава, сеејќи насекаде страв и ужас. Тој стигнал дури до реката Дон, го зазел градот Јелец и таму убил многу луѓе заедно со нивниот кнез. Големиот кнез Василиј Димитриевич бргу ја собрал војската, излегол во пресрет и го принудил да застане кај Коломна на брегот на Ока. Но секако, спасението не требало да се очекува од човечка сила и по целата руска земја се возносувале огнени молитви кон Бога, кон неговата Пречиста Мајка, московските светители Петар и Алексиј и покровителот на руската земја, преподобниот Сергиј. Пример за таква огнена, сенародна молитва давал самиот голем кнез, кој заповедал народот да пости најстрого, а чудотворната икона на Божјата Мајка Владимирска, да се пренесе од Владимир во Москва. За неа во Владимир биле испратени посебно ценети свештени пратеници. На денот Успение 15.(28. август), по литургијата и молебенот, светата икона била подигната од нејзиното место и московските пратеници ја носеле на своите раце. Десет денови траело тоа нејзино патување до Москва. Тоа било потресна глетка за душата. Од двете страни на патот кoленичел народ и со испружени раце кон иконата, извикувале: „Мајко Божја, спаси ја руската земја!” Во тоа време митрополитот Кипријан со целото свештенство и со народот строго постејќи, постојано бил во црквата: служел и ден и ноќ молејќи се со солзи за големиот кнез и за неговата војска и за сите православни христијани. Кога светата икона се приближила до Москва, таму ја пречекале со свечености: „Целиот град излегол во пресрет на иконата ". На чело на народот бил митрополитот Кипријан. Кога ја здогледале светата икона, сите паднале на земја и се поклониле, како на Самата Пречиста Божја Мајка, која дошла кај нив и со голема радост ја примиле и ја однеле во Успенската црква, молејќи се на Богомајката да ги избави од наездата на страшниот непријател.
И што се случило? Таа заедничка молитва со солзи не останала напразна. Истиот ден /26. августа/ и час кога светата икона свечено ја пречекале во Москва, Тамерлан спиел во својот шатор. И одеднаш во сон видел висока планина, од чиј врв слегувале кон него Светители со златни жезли, претејќи му. Над него во воздухот во неискажано величество и светлина, стооела таинствена Жена во темноцрвена царска облека, која сјаела со „светлина на молња посилна од сонце". Околу неа имало неброено многу светли војници, кои биле вооружени со огнени мечови. Претејќи му со поглед на Тамерлан, таа му наредила да ги напушти руските земји, а светите војници, кревајќи ги своите огнени мечеви, се устремиле на Него... Тресејќи се од страв, Тамерлан се разбудил, целиот обземен од ужас. Ги повикал своите кнезови и војсководци, мудреци и гатачи и им го раскажал својот сон, целиот треперејќи. И самите оние што слушале биле во трепет и ужас, а најмудрите од повиканите објасниле дека таа величествена Жена, која во сонот ја видел облечена во царска облека, е руската Заштитничка, Мајка на христијанскиот Бог и дека Нејзината сила е непобедлива. Тогаш Тамерлан рекол: „Ако Русите имаат таква Помошничка, тогаш залудно ќе одиме против нив” и истиот момент издаде наредба неговата војска да се врати назад. На патот на Азијатите им се причинило дека Русите ги следат и тие се почнале да бегаат, убивајќи се еден друг, фрлајќи го оружјето и пленот и оставајќи ги заробениците.
Така со молитвите на Пресвета Дева Богородица на руската војска ѝ била дарувана победа над страшниот освојувач, без битка и пролевање крв. А летописецот, опишувајќи го овој настан додава: „И бегаше Тамерлан гонет од силата на Пресвета Дева.”
На местото каде што иконата била пречекана во Москва, бил изграден Сретенскиот манастир, а денот 26. август бил прогласен за празник на Сретението на чудотворната икона на Божјата Мајка Владимирска. Самата света икона од тогаш за Москва стана како голем и чудесен бедем на руската престолнина. Уште многу чудеса видел рускиот народ од молитвите пред оваа чудесна икона.
Во 1408. година татарски водач Једигеј ненадејно се приближил до Москва, кога во неа не биле ни кнезот, ни Митрополитот. Не можело да се очекува човечка помош и Московјаните сета своја надеж ја положиле на Пречистата Божја Мајка, молејќи се срдечно пред Нејзината света Владимирска икона за спас на престолнината. Неочекувано, Једигеј добил вест за побуна во Орда ја напушти Москва и побрзал назад.
Ногајскиот царевич Мазовша во 1451. година ја опколил Москва. Татарите веќе го запалиле предградието на Москва. Храбриот митрополит Јона низ оган и чад, под дожд од стрели правел литија по ѕидините на градот. На патот го сретнал монах од Чудовскиот манастир, Антониј, кој бил познат по својот праведен живот. Митрополитот Јона го замолил да се моли за спас на градот од татарите. На тоа Антониј одговорил: „Богомајката нема да ги презре твоите молитвите. Таа веќе го намоли Својот Син да ја спаси Москва.” И што се случило? Ноќе Татарите во страв се разбегале, кога слушнале некакво необично татнење, како да им се приближувала многубројна војска, и го фрлиле целиот товар и плен од пљачкањето.
Русите на заштитата на Божјата Мајка, заради молитвите пред Нејзиниот чудотворен лик, го препишивале и крајот на за нив најтешкото татарско ропство, кое траело два и пол векови. Тоа се случило 1480 година. Големиот кнез Јован III Василевич ја искинал ханската басма, одбивајќи да им плати данок на Татарите. Ордскиот хан Ахмат собрал огромна војска и тргнал кон Москва. Откако се вооружал со молитвата и благословот од митрополитот Геронтиј и од својот духовник, Ростовскиот архиепископ Васиан, големиот кнез излегол против Татарите на реката Угра, која русите ја нарекле „Појас на Богомајката.” Татарите се наоѓале на спротивната страна на реката и никој од противниците не се решавал прв да ја премине реката. И Митрополитот и духовникот на големиот кнез го советувале кнезот да не се плаши од Татарите, надевајќи се на заштитата на Божјата Мајка, која веќе толку пати ја спасила руската земја. Обете војски долго стоеле една спроти друга, не одлучувајќи се на акција. Но, одеднаш повторно некој необјаснив страв ги снашол Татарите и тие од никого гонети почнале панично да бегаат. Така руската земја била избавена, со помошта од Пресвета Богородица, без никакво крвопролевање, од толку долготрајниот мачен јарем. Во спомен на тој начин бил установен празникот во чест на чудотворната икона Владимирска на 23. јуни.
Во 1521. година Москва ја нападнал кримскиот хан Мехмет Гиреј со огромна обединета војска од кримските, ногајските и казањските Татари. На огромен простор од Вороњеж до Нижњи Новгород, Татарите вршеле насилства, пљачкајќи и убивајќи сѐ живо, а на крај стигнале и до Москва. Сета надеж можело да биде положена само на заштитата од Божјата Мајка. Особено огнено се молел за спас на Москва Василиј јуродив заради Христа. Така, тој на полноќ видел како вратата на соборниот храм се отворила сама. Владимирската икона се подигнала од своето места, излегла низ вратата на црквата, а од неа се слушнал глас: „Ќе излезам од градот со Светителите.” Целата за момент била осветлена со пламен, кој потоа веднаш згаснал. Истата ноќ чудесно видение имала и некоја слепа монахиња од Вознесенскиот манастир. Таа видела како од Кремљ низ Спаската врата излегува целиот свет собор. Одат Светители и праведници, сите во блескава светлина и ја носат чудотворната икона Владимирска на Божјата Мајка. Кога излегувале низ Спаската врата, во пресрет им дошле преподобните Сергиј Радоњешки и Варлаам Хутински. Тие паднале пред нозете на Светителите и ги прашале зошто го напуштаат градот во таква неволја? „Многу го молевме Семилостивиот Бог и Пречиста Богородица, одговариле, но Господ ни заповеда да излеземе од градот и со себе да ја изнесеме чудотворната икона на неговата Пречиста Мајка, зашто луѓето го презреа Божјиот страв и не ги пазеа Божјите заповеди, заради што Бог им дозволи на варварите да ги казнат, за да повторно да се обратат кон Бога со покајание!” И преподобен Сергиј и Варлаам паднале пред нозете на московските светители и чудотворци, молејќи ги да го ублажат Божјиот гнев. Светителите ги послушале нивните упорни молби, отслужиле молебен пред чудотворната икона Владимирска, го осенија градот крстејќи го и се вратиле во Кремљ, носејќи ја назад и чудотворната икона Владимирска. На Татарите притоа им се привидело дека околу Москва стои неброена војска. Ханот испратил луѓе тоа да го проверат. На оние што биле испратени им се прикажала уште помоќна војска. Тогаш ханот испратил уште еден од своите повереници. Тој се вратил целиот уплашен. „Веднаш да бегаме” – велел тој – „од Москва кон нас доаѓа неброена војска.” И Татарите почнале панично да бегаат. Во чест на тоа бил утврден празникот на чудотворната икона Владимирска на 21 мај.
Освен овие случаи, да го спомнеме уште и следниот. За време на благочестивиот цар Фјодор Јованович Татарите го зазеле дури и Воробјевиот рид покрај Москва. Царот, кој бил особено побожен и срдечно ја молел Владичицата за спас на градот од непријателската наезда, наредил светата Владимирска икона да ја следи војска што ја испратил да се бори со Татарите. Тој самиот од високата кула на кремљ го гледал нејзиното движење. Крај него стоел болјар кој се тресел од помислата на страшната опасност која му претела на градот. Кога го видел тоа, царот со насмевка му рекол: „По молитвите на Богомајката, утре овие безбожници ќе ги нема.” По битката што траела цел ден и ноќ, од Владимирската икона која била во редовите на руската војска, се излила несовладлива сила, која кај Татарите предизвикала некоја вкочанетост. Рацете им станале како оковани и не можеле да кренат ни меч. Неверојатен страв ги опфатил и тие избегале.
Наскоро настапила т.н. „Сматна епоха” како Божја казна за гревовите на рускиот народ. Во Москва стигнал Димитриј Самонаречен. Неговите луѓе почнале да ја пљачкаат Успенската црква, додека Патријархот Јов служел божествена литургија, па дури од него почнале да ги облекуваат свештените одежди. Тоа бил час на длабока тага и истовремено, величествен. Како пред себе да ја видел телесно Богомајјката – столбот на Православието и заштитничка на рускиот народ, Патријархот ја симнал панагијата и ја положил на иконата Владимирска и како Нејзе да ѝ ја доверуваше судбината на православната вера и татковината, молитвено воскликнал: „Владичице, овде пред Твојата икона на мене ја ставија оваа панагија и ми го врачија патријаршискиот жезол. Со нив деветнаест години ја чував верата. Сега пак, заради нашите гревови, царството е во неволја, царуваат измамите и ересите. Владичице, спаси го Православието со молитвите кон твојот Син.” Ни оваа молитва не останала непослушана. По неколкугодишни нереди, руската татковина повторно на себе ја почувствувала чудесната заштита од Божјата Мајка и била спасена од непријателите со срдечните молитви на руските луѓе преку друга нејзина чудесна светиња: чудотворната икона Казањска.