|
Без намера да ги оправдувам инквизициските егзекутирања, ќе изнесам некои сознанија во врска со „случајот Џордано Бруно”, за да се види дека јавната верзија во која тој се глорифицира како великомаченик за науката, е прилично далеку од околностите кои се наведуваат во шпекулациите.
Во трудовите на монахот Бруно се сретнуваат и тврдења за жителите на другите светови — за “разумни животни” и за “разумни суштества живи и бесмртни”. За можноста на идните контакти на земјаните со вонземјаните монахот Бруно бил скептик. Сметал, дека општењето со нив за земјаните може да биде “поскоро лошо, отколку добро.” Таквите идеи на Бруно не се сметале само за фантастични, туку и еретички. Сепак, големиот ноланец бил казнет не само и не толку за тие идеи. Постојат сведоштва дека „на судскиот процес за учењето на Коперник воопшто не станало ни збор”.
М. Диник смета дека ни учењето на Бруно за бескрајноста на Вселената, за единството и еднородноста на нејзиниот состав и безбројноста на населените светови, ни сатиричниот карактер на неговата критика на религијата, не ги разгневило црковните служители толку, колку неговото барање за конфискација на манастирските доходи. Можеби, Бруно и не би загинал на клада, ако не го обвиниле за неговото залагање против манастирските доходи, против манастирскиот имот. Документите сведочат дека инквизиторите особено внимание сосредоточиле токму на тоа. Таа „ерес” се покажала, изгледа поважна за инквизицијата, отколку идејата за многуте населени светови, па дури и за богохулните искази на философот против римокатоличката вера.
|